Уште еден ден, уште една интересна случка во зградата на Канал 666. Добредојдовте пак во уште едно изданије на оваа мрачна трагикомична драма, а ако не сте ги прочитале предходните епизоди, тоа слободно можете да го направите ТУКА.
Епизода 5: Новата Секретарка
(Во ходникот од зградата, секој вработен си ја брка работата, а Димитар влегува порадосен од обично)
Димитар: Добро утро на сите! Се надевам немаше пожари, смртни или проколнати случаи, кражби или пак промени на салветките од вчера до сега?
Аце: Добро утро шефе. Ве бараат во мртовечницата, а идната секретарка е на предна врата.
Димитар: Секако…Како можев да помислам дека ќе има ден нешто лошо да не се случи? Во ред, кажи и нека влезе, а мене кажи ми како знаеш дека баш таа ќе ја вработам?
Аце: Паааааааааа…..убава е. А и нема други кандидати.
Димитар: Секако дека нема. (Седнува на столче.)
(Влегува Митра – кандидат за секретарка во Канал 666. Носи долг црн мантил, како од готски филм)
Димитар:(Станува да ја пречека). Добар ден, госпоѓице. Добредојдовте во Канал 666.
Митра: Благодарам. Вие сте Димитар Стојановски, директор на Канал 666, крвна група АБ, десети потомок на жртва на врколак?
Димитар: Да?!
Митра: Мило ми е. Јас сум Митра Ван Хелсинг, еве го моето резиме, аплицирам за положбата секретарка.
Димитар: (Го зема листот и го прелистува) Ахам….Завршено средно во Корчагин – фино. Се е добро, но овдека под вештини сте напишале “Завршен КСПНМ”. Што точно значи ова?
Митра: Курс за Самоодбрана Против Надприродното и Мрачното, секако.
Димитар: Секако. Истотака, полето кај Препораки е празно. Зошто?
Митра: Сите мои предходни работодавци се мртви.
Димитар: Дооооообро…. Во секој случај, добредојдовте во Канал 666.
Митра: Благодарам. (пружа рака да се ракуваат, но и испаѓа пиштол од мантилот. Се наведнува и го крева). Извинете. Ова е….од мојата ноќна работа. А кога сме кај тоа, да знаете неможам да работам трета смена.
Димитар: Во ред, но што работите, ако смеам да прашам?
Митра: Смеете.
Димитар: Па….ќе ми кажете?
Митра: Не. Смеете да прашате, но не смеам да ви кажам.
(Во тој момент влегува Владо)
Владо: Добар ден, директоре. Ако сакате да потпишете една….(Ја здогледува Митра и се запрепастува) Ти!
Митра: Ти! (Вади самострел од мантилот, и почнува да го брка Владо, кој бега.)
Димитар: Како не го предвидов ова, не ми е јасно…(седнува на столче, фаќајки се за глава)